Службеници кои ширеле пропаганда за Груевски ќе бидат оценувани дали да останат во владиниот пи-ар сектор

by fokus

Во Владата денеска беше одржан брифинг за новинарите да се запознаат подетално со работата на Секторот за односи со јавност по пишувањата во медиумите дека во пи-ар службата на Владата и на другите министерства работат 120 лица.

Како што соопштија од Владата, вкупната и реална бројка на лица кои работат ПР за Владата, за премиерот, за 15 министерства, за 5 вицепремиери и за 7 министри без ресор изнесува 46. Освен тоа, како што рекоа од таму, постојат и 57 вработени кои извршуваат придружни функции како превод, протокол, анализа, логистика, фото и видео и организација на настани.

„На пример, во 2014 година владата потрошила 7.5 милиони евра за односи со јавност и за пропаганда, во 2015 потрошила 5.5 милиони евра, во 2016 1.1 милиони евра, а буџетот за 2017 изнесува 530.000 илјади евра. Тоа е 14 пати помалку во споредба со 2014 или 10 пати помалку во споредба со 2015 година. Во однос на бројот на вработени – во 2015 и 2016 година за ПР и пропаганда биле платени и ангажирани 100 лица на ниво на Влада и министерства, а дополнително, биле ангажирани  и надворешни скапи странски конуслтанти и ПР агенции“, беше нагласено на брифингот со новинарите.

Владините лица за односи со јавност рекоа дека новата гарнитура се соочила со непостоечки систем за односи со јавност, и дека била затекната состојба во која не постоел утврден систем за транспарентно сервисирање на јавноста со информации од интерес на граѓаните. Од таму, велат, се наметнала потреба од формирање на Сервис за комуникации, отчетност и транпсарентност. Додаваат дека се прават обиди во овој сектор да ги сочуваат оние кои работеле и до сега, но дека овие службеници прво ќе треба да поминат низ тестирање за да се утврдат нивните способности.

„Сервисот за комуникации, отчетност и транпсарентност се обидува да интегрира и дел од наследените вработени кои, можеби против своја волја, учествувале во пропагандата и манипулацијата која претходната власт ја вршеше врз граѓаните. Во тек е оценување, со цел да се проценат нивните вештини и капацитети, врз основа на кое ќе биде донесена одлука за нивно ангажирање“, додаваат од Владата.

На брифингот со новинарите беше информирано дека бројот на новоангажирани лица за односи со јавност во Владата и во сите министерства и агенции заедно изнесува 39 лица.

„Системот за комуникации на владата сега чини сериозно помалку заради тоа што Владата се откажа од трошење пари за пропаганда и за контрола на медиуми. Целокупниот делокруг на работа се спроведува со внатрешни капацитети, без да се трошат дополнителни пари за надворешни ресурси“, посочуваат од таму.

 

Поврзани новости