40-годишна скопјанца со иницијали О.С. се стекнала со 92.900 денари од петмина штипјани кои ги измамила дека ќе ги вработи во дирекција на јавното претпријатие „Македонски пошти“. Според полицијата таа лажно прикажувала факти дека е вработена во претпријатието.
О.С. заработи кривична пријава за сторени пет кривични дела „измам“. Делото го направила во периодот од декември 2016 година до август 2017 година. Со намера да се стекне со противправна имотна корист, велат од полицијата, ги довела во заблуда петмината жители на Штип.
Според записникот осомничената им ветила дека ќе им посредува за вработување при отворање на нова поштенска филијала на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. На петте лица им ветила дека ќе ги вработи како шалтерски работници и притоа ги навела да и дадат пари за вадење на потребните сертификати. На овој начин пријавената се стекнала со противправна имотна корист.