Вицепремиерката и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, изјави дека одредбата за двојазичност на униформите во АРМ не е вградена во Законот за јазиците од причини кои се однесуваат на функционирање на Армијата и фактот дека униформите претпоставуваат униформност.
– Рековме дека оваа одредба ќе ја испратиме до Венецијанската комисија и очекуваме мислење и за Законот и за оваа конкретна можна потреба. Факт е дека Армијата е една од институциите која нуди најголема кохезија. Во делот на одбраната главната промена се однесува на можноста на граѓаните на Република Македонија кои се обраќаат до Министерството за одбрана да можат да го користат и својот мајчин јазик, да добијат соодветен одговор. Не мислам дека тоа негативно ќе се одрази, а Армијата е посилна заради тоа што таа е репрезент на Македонија и заради тоа што ги имаме претставено сите етнички заедници, истакна Шекеринска.
Во врска со наводна криза во владинаа коалиција, таа вчера изјави дека не гледа никакви проблеми.
-Македонија нема зошто да се плаши ако различни партии имаат различен став како што и во партиите не е страшно кога различни луѓе имаат различен став, тоа е богатство, истакна министерката Шекеринска, одговарајќи на прашање дали постои коалициска криза на партиите на власт.