За Србија е многу важно да се спроведе Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција, за Северна Македонија во иднина да биде мост на соработка меѓу Србија и Грција како и можност за поголемо доближување меѓу Белград и Атина, изјави претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по денешната средба со грчкиот премиер, Алексис Ципрас.
-Знам дека тоа не е лесно, но Србија и нејзините граѓани го поддржуваат спроведувањето на тој договор – рече српскиот претседател.
Вучиќ и Ципрас разговарале за ситуацијата на Косово и активностите за формирање на косовската армија.
Во врска Ципрас изјави дека се неприфатливи активностите во Косово, односно одлуката да се воведе царина од 100 отсто на производите кои потекнуваат од Србија и БиХ, како и на одлуката за трансформација на косовските безбедносни служби во војска. Според него ваквите активности не придонесуваат за стабилност во регионот.
-Сакам да испратам пораки на осуда за потезите на косовските власти со кои се долива масло на огнот – изјави Ципрас после разговорот со Вучиќ.