СДСМ стартува со нова кампања „На прав пат“ и со граѓански трибини низ земјата

by fokus

Владејачката партија СДСМ денеска стартуваше со нова кампања под мотото „На прав пат“. Во рамки на кампањата од СДСМ најавија граѓански трибини во поголемите градови секој викенд, а во работните денови трибини во помалите општини во попладневните часови.

Генералниот секретар на партијата, Љупчо Николовски, изјави денеска дека не станува збор за предизборна кампања туку за тековни активности на партијата.

-СДСМ е подготвена секое време за избори, ова не е изборна кампања туку темпо на работа на партијата кое се поклопува со активностите кои ги преземаме. Се работи за редовни тековни активности на одговорна политичка партија – рече Николовски.

Тој додаде дека за СДСМ најдобар датум за избори е октомври 2020 година, но не ја исклучува можноста за предвремени. Николовски најави интензивирање на партијата во следниот период.

-Ќе ги мобилизираме капацитети и нашите функционери. Жалам што опозицијата постојано се обидува да не кочи во НАТО, ЕУ, да го кочи растот на платите. Затоа нема да ги коментирам, туку ќе бидеме фокусирани на системот на СДСМ. Партијата ќе биде спремна за избори во секое време – рече Николовски.

Поврзани новости