Во граѓанскиот суд во Скопје е донесена првата правосилна пресуда за повреда на авторско право при кражба на фотографија од интернет портал. Оваа пресуда ги поставува стандардите и го отвора патот за еден од најгорливите проблеми во индустријата на интернет медиуми, кражбата на содржина, а во овој случај на фотографија.
Тужбата е поднесена од српски државјанин, по професија фотограф, а се однесува на фотографија која ја направил на концерт од познат рок музичар. Подоцна оваа фотографија е преземена и објавена од повеќе портали, без да се наведе името на нејзиниот автор и без да се добие согласност од него. Од овие причини фотографот решил да покрена тужбена постапка во македонските судови.
Адвокатката, Маја Ристова, која го застапува тужителот, вели дека праксата на суд да се бараат правата во случај кога на интернет има прекршување на авторските права е веќе раширена во регионот. Кај нас, пак, ова е прв ваков случај, поради што и правосилните органи немаат големо искуство во овој дел.
Ристова го штити идентитетот на тужителот затоа што во тек се постапки и против другите портали кои ја презеле неговата фотографија. Таа предупредува дека судските трошоци кои тужениот портал мора да ги плати се многу високи, особено затоа што се работи за српски државјанин. Висината на оштетата, допрва ќе се одредува.
-Ќе побараме надомест на штета врз основа на тоа што ќе го одредат вештаците. Допрва економски вештак треба да ја одреде штетата што била предизвикана. Можам само да кажам дека трошоците на постапката се високи, особено кога се работи за странец. Имате плус надомест на штета и плус високи адвокатски трошоци – вели адвокатката.
Ристова посочува дека на почетокот од постапката побарала да се направи спогодба со порталот, но не била сериозно сфатена.
-На почетокот барав и сакав фер спогодба со порталот што ја објавил фотографијата, вонсудски да се договориме. Во име на странката побарав помала сума, но не се согласија. Не само тоа туку се смееја. Штом е така, реков, законот е на наша страна – вели Ристова за „Фокус“.
Повредата, појаснува таа, е во тоа што порталот не побарал согласност од авторот при објавување на неговата фотографија. Истата е презема од интернет пребарувачот „Google“, но кај изворот, вели таа, јасно стои дека е заштитена, по што вештачењето утврдило дека има повреда.
-Сите си мислат дека од „Google“ е дозволено да се презема, но не е. Законот е јасен во тој дел, не смее никој да презема без согласност од авторот. Во тек се други постапки против неколку портали, за истата фотографија. Предметот е интересен затоа што до сега немало ништо вакво во македонската судска пракса, има предмети за авторски права, но до сега немало за фотографиј и немало за интернет – додава таа.