Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, ги објасни денеска причините за одлуката Македонија да протера еден руски диплимат. Освен тоа што Владата сакала да покаже солидарност кон Велика Британија, станува збор за руски дипломат кој вршел шпионски активности.
Според Димитров, се обидувал да добие класифицирани информации важни за безбедноста на Македонија.
-Одлуката за протерување на рускиот дипломат од Македонија ја донесовме по внимателно размислување и анализа. Одлуката се заснова на два елемента, едниот е меѓународен, односно нападот што се случи со хемиско оружје во Велика Британија и солидарноста што ја побараа нашите сојузници и синхронизираната акција на која вчера бевме сведоци. Но има и домашна основа за чекорот на Министерството за надворешни работи. Се работи за лице што со своите делувања излегло вон својот дипломатски мандат и одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи – рече Димитров.
Одлуката за протетување, појасни, е во функција на заштита на државниот интерес, на интегритетот на институциите, и на безбедноста на државата.
-Сакаме да имаме пријателски односи со сите држави, кои подразбираат искреност, и разбирање за стратешките и клучните интереси на двете страни. Ќе има многу интерес околу идентитетот на дипломатот. Ние сме должни да го заштитиме и од почит на неговата држава Руската Федерација и заради личната безбедност на лицето, тоа ќе биде многу штетно ако се шпекулира. Нашите сознанија се поткрепени, евидентирани и немаме дилеми дека имало такви обиди – рече Димитров.
Оцени дека меѓу пријателите има и недоразбирања, а кога тие ќе се надминат пријателството ќе биде посилно.