Антикорупциска комисија утврдила непотизам во 9 случаи кои беа пријавени, меѓу кои е и случајот за вработувањето за синот на пратеничката Мира Стојчевска во ЕЛЕМ и за сестрата на министерот Крешник Бектеши во МЕПСО. За Бектеши ДКСК најави и прекршочна пријава.
Според Антикорупциска, сестрата на министерот Бектеши ја добила работата во МЕПСО од 73 кандидати, кои се пријавиле на огласот за тоа работно место. Бектеши тврдеше дека не живее заедно со сестра му, но Антикорупциска утврдила во пријавата на неговата сестра на огласот дека како место на живеење стои истата адреса на која живее министерот.
-Од вкупо 18 предмети, 2 се веќе затворени поради отсуство на елементи од кои може да се утврди влијание на носител на јавна функција во постапките за вработување – рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.
-Станува збор за Сара Александрова, ќерка на пратеничката Емилија Александрова, поради целосно неточните наводи за вработување во Фондот за иновации. Никогаш не била вработена ниту се јавила на оглас. Вториот случај е за Лила Пеќеска, сопруга на градоначалникот на Берово, Ѕвонко Пеќески. Наводите не се потврдени ниту е утврдено влијание, истата личности работи во училиштето уште во 2015 година – рече Ивановска.