Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски, одбил да присуствува на денешната јавна седница во Апелациониот суд, каде што се расправаше по однос на неговата жалба за продолжување на мерката притвор. Василевски е еден од осомничените за настаните во Собранието од 27-ми април.
Претседателот на судскиот совет, Јани Нича, на денешната седница рече дека судот испратил известување до затворат, но дека Василевски не сакал да дојде во судот. Сепак пратеникот дал согласност неговиот бранител да ги изнесе причините од жалбата за укинување на мерката притвор.
Адвокатот Александар Новаковски, во одбрана на Василевски, рече дека тој немал намера да бега бидејќи самоиницијативно се вратил од БУгарија кога дознал дека е отворена истражна постапка против него. Пред судот Новаковски рече дека прекршена е законитоста при апсењето на Василевски, затоа што како пратеник не бил прашан дали ќе се повика на неговиот имунитет.
Вишата јавна обвинителка, пак, рече дека жалбата на пратеникот треба да се одбие поради опасност од бегство и опасност да влијае врз сведоци, затоа што, како што рече, истрагата се уште не е завршена.
Според видео снимките кои протекоа во јавност, Василевски е еден од пратениците кои ги отвора вратите на Собранието, за внатре да влезе насилната толпа.м