Условите за згрижување и третман на кучињата во стационарот Вардариште се несоодветни, покажува извештајот на работната група. Во извештајот се предлага во 2018 година да се одвојат 10 милиони денари за реновирање на овој стационар.
Освен тоа, работната група предлага решенија за неконтролираното размножување на кучињата и нивно чипирање. На овој начин би се превенирале, велат, идни појави како напад на кучиња врз луѓе.
Од здруженијата за заштита на животните сметаат дека една од мерките за надминување на проблемот е да се спречи неконтролираното размножување на домашни кучиња бидејќи две третини од нив завршуваат на улица како скитници.
На денешната презентација на извештајот за состојбата во Вардариште, беше посочено дека треба да се направи и чипирање на кучињата и база на регистрирани сопственици на кучиња.
– Има многу девијантни личности кои на несоодветен начин чуваат кучиња кои во својот карактер се мешавина на разни раси кои се претерано агресивни, истакна градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски, кој побара да се направи база на податоци за кучиња чувани во домашни услови, а кои по својот карактер се поагресивни.