Протоклот за членство на Македонија оваа недела ќе се најде пред грчките пратеници. Со ова ќе биде преземен последниот чекор, по што и официјално ќе влезе во употреба името Република Северна Македонија.
Грчки „Катимерини“ пишува дека протоклот ќе влезе во собраниска процедура на грчкиот парламент овој вторник и дека пратениците ќе го изгласаат по неколку дена расправа. Се очекува вечерта во четврток протоклот да биде изгласан.
Со ова ќе биде исполнет последниот услов од Договорот од Преспа. Согласно Договорот уставните измени во Македонија стапуваат на сила седум дена по ратификацијата на протоклот во грчкиот парламент. Ова подразбира отпочнување на постапка за промена на таблите во сите институции низ државата, така што новите табли ќе го содржат новото име на државата. „Република Северна Македонија“ треба да се најде и на меморандумите на официјалните документи и дописи од државните институции.
Генералниот секретар на НАТО, Јоханес Столтенберг, вчера преку својот твитар акаунт, најави дека на 6 февруари ќе се одржи церемонијата на потпишување на пристапниот документ за членство на Македонија во Алијансата.
„На 6 февруари ќе испишеме историја: Сојузниците на НАТО ќе го потпишат пристапниот протокол со идната Северна Македонија заедно со МНР Димитров“ напиша Столтенберг на Твитер.
Инаку, изјавите на премиерот, Зоран Заев, каде се уште го употребува само името Македонија наидоа на бројни критики во Грција. Сепак, од грчката Владата бараат трпение од јавноста со образложение дека новото име формално ќе влезе во употреба по ратификацијата на протоклот за НАТО.