Политиката ја разбирам како можност да му се доближам на секој граѓанин за да го подобрам неговото секојдневие, вели Билјана Јаневска, која предизвика внимание во јавноста откако беше избрана за генерална секретарка на ЛДП Карпош. Нејзиното назначување не остана незабележано и покрај тоа што влезе во политиката пред неколку години кога се кандидираше за советник на оваа Општина, но советничката листа не успеа да добие доволно број гласови за Јаневска да влезе во Советот.
Овој пат во политиката влегува посамоуверено. Вели дека во нејзин фокус ќе биде женското прашање затоа што, жените, смета таа, се уште се перцепираат како домаќинки.
-Важно е да прекине омаловажување на жената во политиката, бидејќи и жените треба да седат на иста маса со мажите и да донесуваат државнички одлуки. А секако говорот на омраза кон жените да престане, бидејќи жената е свое битие со неверојатно моќни интелектуални капацитети и има своја вредност. Општо секојдневно гледаме какви форми на насилство доживуваат и какви стереотипи доживуваме, се уште се гледа како на домаќинки. Но ние жените во политиката го докажуваме спротивното – вели Јаневска за „Фокус“.
Згрозена е од изјавата на владиката Петар кој во велигденското послание говореше дека родовата еднаквост е погубна и отровна, но не сака да го коментира.
-Луѓето ме познаваат како борец за правда, а во ЛДП како партија секогаш се бориме за родова еднаквост, против корупцијата, за правата на самохраните мајки, за слобода на изразување на индивидуата, за младите, за животната средина. Сакав да се вклучам во политиката за да променам нешто, да се обидам од оваа страна да го движам системот. Амбициозна сум и ќе се потрудам да не заборавам и на приватното поле да ја остварам важната цел, завршување на докторски студии – вели таа.
Јаневска е магистер сум по управување на отпад, претходно беше поранешна мисица и прва придружничка на Мис модел туризам во светот. Има искуство како медицинска сестра и како физиотерапевт, меѓу другото.
-Секогаш работев чесно и додека бев во шоу-бизнисот, а таква и сега ќе останам кога влегов во политика заедно со ЛДП, обединето, храбро и гласно до новите победи. Во моментот најзначајно е што во Карпош добивме општинска организација, а јас како генерален секретар на ЛДП во Карпош, ќе се трудам да ги слушам Карпошани за нивните проблеми и што е најважно ќе се обидам да најдам решенија. Веќе партијата подготви програма и план на активности за Карпош која наскоро ќе ја презентираме – најавува таа.