Очекувам убедлива победа во втор круг. Ги разбирам граѓаните кои решија да не излезат на гласање и да упатат порака, тоа е нивно право и верувам дека пораката е примена, рече кандидатот за претседател на 31 партија, Стево Пендаровски, денеска на прес конференција најавувајќи дека ја продолжува изборната кампања со митинг вечерва во Карпош.
Тој им порача на неопределените и оние кои не излегле да гласаат, дека 5-ти мај е последниот датум да потврдат дека се за европски интегрирана Македонија.
Пендаровски се обрати и до граѓаните кои гласаа за Блерим Река. Тој ги повика масовно за излезат и рече дека ја очекува нивната поддршка.
-Знам дека во огромен број ја поддржуваат мојата визија за европска Македонија, наместо ревизија и блокади кои ги најавува Силјановска. Од нивниот глас зависи каков курс ќе заземе нашата земја. 5 мај е последниот датум да избегнеме нови поделби, блокади и застој на патот кон ЕУ – рече Пендаровски.
Тој одби да ги коментира бројките и тоа што Силјановска освои повеќе гласови во дел од скопските општини и дел од поголемите градови што ги освои СДСМ на последните избори. Пендаровски рече дека конечниот резултат е сепак 4.600 гласови за него.
Одговарајќи на новинарско прашање за тивок бојкот на некои партии што стојат зад неговата кандидатура, тој рече дека нема такви индикатори.
Според Пендаровски, тешките политички одлуки што беа донесени изминативе две години, додека е СДСМ на власт, како договорите со Грција и Бугарија и Законот за јазици, се причина за резултатите во првиот круг од изборите.
-Не решивме да носиме само популарни одлуки и тоа имало свое влијание. Сега имавме демократски избори, тоа е разликата со 2014 година. Многу вода протече низ Вардар за да можеме да ги споредуваме тие две работи. Политичките одлуки кои ги презедовме од 2016 влијаеја на изборниот резултат и граѓаните имаат свое мислење за тоа. Ова е кампања за претседателски избори, но на некому може му прозвучи како кампања за парламентарни избори – додаде тој.
Пендаровски посочи дека верува оти цензусот ќе биде постигнат во вториот круг, доколку, додаде, некоја од големите политички партии не бојкотира.