Пендаровски: Се согласувам дека Владата не испорача сè што вети во 2016 година, а и некои кадровски решенија не беа добри

by fokus

Претседателскиот кандидат на СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, вели дека е оправдано незадоволството кај дел од граѓаните од владината коалиција. Владата на коалиционите партнери, кои го кандидираат, вели тој, не испорачала се што ветила пред две години кога дојде на власт.

Сепак, Пендаровски не смета дека гласовите од незадоволните граѓани би отишле на контото на другите претседателски кандидати.

– Мислам дека за Река ќе се определат оние кои сепак мислат дека етничката компонента на кандидатите е примарна, сето останато е секундарно. Не мислам дека незадоволството од владејачката структура која постои може да се трансферира во глас за Река. Не тврдам дека ние 100-процентно исполнивме сè што ветивме. И јас имам забелешки за тоа што е досега направено и јас мислам дека во некои сегменти можеше подобро, дека некои кадровски решенија не беа добри. Можеме да зборуваме за степенот на незадоволство, меѓутоа апсолутно се согласувам со перцепцијата на дел од граѓаните дека владејачката коалиција не испорача сè што вети во 2016 година. Тоа го имаат кажано и клучните министри на чело со премиерот – вели Пендаровски.

Тој додава дека претходно во фокусот беше надворешната политика на Владата, додека во следниот период ќе се видат резултатите од економските политики.

-Ќе звучи како оправдување, но факт е дека во оваа година и пол наназад оваа владејачка коалиција се зафати со решавање на најголемите проблеми во оваа земја, кои 30 години наназад никој не ги решавал. Огромна енергија се потроши на договорот со Грција и многу малку време остана да се посвети на економско–социјалната сфера, која беше и остана најважниот предизвик за сите наши граѓани. Ова ќе биде првата исклучиво економска година и првите економски индикатори покажуваат дека целиот фокус на Владата води кон тоа и првите резултати се доста охрабрувачки на тој план. Имаме прв пат историска посета на грчки премиер, но не е толку битно од аспект што е прва, туку од аспект што доаѓаат околу 200 грчки компании, меѓу кои се најголемите што прават профит од милијарди долари на годишно ниво и имаат интерес за инвестиции тука. Ако имаат интерес странските инвеститори за оваа нова македoнска реалност, и домашните инвеститори ќе најдат есап – посочува тој.

Поврзани новости