Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, е дискриминирана од затворот Идризово, но да не го поврзуваме третманот кон Јанкуловска во затворот со тоа дали заслужува скратување на својата казна, изјави претседателот, Стево Пендаровски, во вечерашното интервју за „Трилинг“.
Како што рече тој, Јанкуловска и Груевски до сега до него немаат побарано помилување. Единствен кој побарал помилување од случајот „Тенк“ е поранешниот шеф на набавки во МВР, Ѓоко Поповски.
Претседателот посочува дека затвореничка не може да побара преместување во друг затвор затоа што другите затвори немаат женско одделение.
-Во Струга се знае, одиш само на спиење. Само Идризово е затвор во кој има женско одделение. Мажите кои отслужиле одреден дел од казната можат да се пишат жители на друга општина и да одат да издржуваат казна во друг затвор. А некои од тие затвори се од отворен тип, да не кажам туристички тип. Гордана Јанкуловска иако има одлежано две години до сега, од осудените четири, не може да побара преместување, затоа што нема женско одделени во друг затвор. Со одлежани 2,5 таа нема ниеден викенд добиено да го види своето дете. Меѓутоа тој тип на проблеми и дискриминација, не може да се реши со помилување кај претседателот. Тоа треба да се реши на системски начин и за други жени затворенички, да се променат прописите кои тоа го забрануваат – рече Пендаровски.