Од тетовската болница и Министерството за здравство негираат дека пациент починал додека чекал речиси еден саат да биде примен пред одделот за брза помош во болницата во Тетово. Од таму велат дека пациентот бил веднаш примен од доктор кој бил со него до неуспешниот обид за реанимација. Од болницата и од Министерството излегоа со идентични соопштенија.
„Според првични информации, пациентот по пристигнување пред одделот за брза помош веднаш бил упатен до интернистичкиот блок. Докторот кој го примил го придружувал до прв кат, каде што му е направено ЕКГ, увидено е дека пациентот имал срцев застој. По обидите за реанимација е констатирана смрт“, велат оттаму.
Од Министерството додаваат дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе изврши вонреден инспекциски надзор за овој случај.
Претходно семејството се обрати до медиумите дека 60-годишниот маж починал додека еден саат чекал да биде примен од доктор.
Станува збор за човек од Пирок, за кого од семејството изјавиле дека починал околу 19 часот.
-Доле чекавме еден час, побаравме помош, никој не излезе да ни помогне. Членот на семејството пред еден час падна во кома, ниту еден лекар не излезе, по некое време тој почина поради доцнењето на лекарите од над половина час, изјави еден од членовите на семејството, за Тетовасот.