МИА: Нема датум за преговори со Македонија во нацрт-заклучоците од претстојниот Совет на ЕУ

by fokus

Земјава ова лето е во исчекување на датум за почеток на преговори со Европската унија. Најоптималните очекувања се дека тоа ќе се случи во јуни, можеби јули, а најдоцна до оваа есен. Дали очекувањата ќе бидат исполнети зависи од волјата на земјите-членки, од кои големо мнозинство го поддржуваат почетокот на преговорите, но сега стравувањата за евентуална кочница се префрлија од Париз во Берлин.

За разлика од минатата година, главна пречка овој пат за стартот на преговори е Германија, а не Франција, велат дипломатите во Брисел за МИА и веруваат дека Париз е подготвен да попушти за датум во јуни или јули.

Она што најверојатно може да се очекува засега е јунскиот министерски совет да заклучи дека ќе се наврати на прашањето за датумот со Албанија и Македонија во јули, со што воедно и ќе се притисне германскиот Парламент да донесе одлука до 23-ти јули кога треба да се одржи следниот министерски совет, овој пат под финско претседателство.

Во нацрт-заклучоците од претстојниот Совет на ЕУ, до кои дојде МИА, има признание дека земјава ги исполнила условите за почеток на преговори, но сепак не стои датум за преговори со Македонија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Овие нацрт-заклучоци, кои треба сѐ уште да бидат разгледувани и на експертско, амбасадорско и потоа министерско ниво, не се конечни.

Властите во земјава сметаат дека се на вистинскиот пат, што го трасираше Унијата во насока на демократизација и реформирање на земјата, што беше нотирано и во последниот извештај на Европската комисија, кој беше оценет како најчист досега. Тие со порака до Унијата да ги вреднува досегашните реформи, решавањето на билатералните прашања, но и дека од интегрирањето на земјава во Унијата, корист ќе има и таа. Датумот ќе значи и охрабрување и поттик реформите да продолжат.

Премиерот Зоран Заев најави уште една средба со германската канцеларка Ангела Меркел, за што веќе има потврден термин. Не прецизираше кога и каде би се одржала средбата.

Нагласи дека регионални аспекти се причината за калкулирањето со датумот и напомена дека по 15 години чекање треба да се отвори патот на Северна Македонија кон ЕУ.

Посочи дека за нас се важни одлуките и информациите на Советот за општи прашања на ЕУ (ГАК) кој има состанок од 18 до 21 јуни, а потоа и на крајот на јули.

-Европскиот совет е тој што ја носи конечната одлука. Прво се наговестува преку ГАК. Да не ги пропуштиме овие термини, рече Заев.

Тој веќе најави дека ќе го врати мандатот доколку не добиеме датум, а од тоа зависи дали ќе има избор на нова влада или само реконструкција.

Поврзани новости