Осудените во „Сопот“ ќе добијат по 5.500 денари за секој ден поминат во притвор и во затвор

by fokus

Државата ќе ги обештети неправедно осудените во случајот „Сопот“ со по 5.500 денари за секој ден поминат во притво, во домашен притвор или во затвор, информираа од Владата.

Оваа одлука е донесена на вчерашната владина седница. Од таму информираат дека министрите ја усвоиле информацијата за овој судски предмети, која предвидува спогодбено решавање и исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда.

„Притоа Владата даде согласност и го задолжи Државното правобранителство на Република Македонија да склучи судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој случај, по тужба на тужителите, сите од село Сопот, Куманово, за исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот. Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет“, соопштија од Владата.

За потсетување, на 4 март 2003, на локалниот пат Сопот-Сушево во местото викано „Божја дупка“ од подметната експлозивна направа загинаа двајца НАТО војници од полскиот контигент, како и Крунислав Кипријановски од Куманово. Од страна на Државното обвинителство беа обвинети 11 локални Албанци, а Основниот суд во Куманово истите ги прогласи за виновни и донесе осудителна пресуда.

Предметот „Сопот“ беше повторно отворен откако премина во рацете на Специјалното јавно обвинителство, по објавените прислушувани разговори меѓу поранешните владините функционери, Гордана Јанкуловска и Сашо Мијалков.

Поврзани новости