Уште една кривична пријава за заканување кон пратениците поднесе Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи до надлежното јавно обвинителство.
Како што велат од МВР кривичната пријава е поднесена против 27-годишен охриѓанец со иницијали М.К. поради објава која ја постирал на социјалната мрежа Фејсбук, а со која, велат од МВР, се предизвикува загрозување на сигурноста на пратеник.
„По насоки на Основното јавно обвинителство Охрид, на 22.10.2018 година М.К. е повикан во полициска станица, каде појаснил дека објавата ја направил од својот мобилен телефон. Мобилниот телефон е одземен за понатамошно вештачење. Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и понатаму ќе продолжи со активностите со цел санкционирање на ваквите случаи. Ги повикуваме сите граѓани кои се изложени на вакви закани или сведочат вакви закани, истите да ги пријават во најблиската полициска станица или на адресата cybercrime@moi.gov.mk“, соопштија од полицијата.