Претседателот на Здружението „Цивил – Центар за слобода“ Џабир Дерала, на денешната прес-конференција изјави дека на референдумското изјаснување се забележани технички проблеми, неправилности во Избирачкиот список, доцнење при отворањето на некои избирачки места, како и кршење на изборниот молк.
Според извештаите на набљудувачите на „Цивил“ на самиот старт се забележани помали технички проблеми, како што наведе Дерала, не работат УВ ламбите во неколку избирачки места во Општина Петровец.
– Во неколку скопски општини се нотира помало доцнење на отворањето на избрачките места. Видливи се и траги од кршењето на изборниот молк во голем број општини низ целата земја. Некои графити се и на самите училишта и згради каде што се одвива гласањето, како што е случајот во Јагуновце и Петровец, посочи Дерала.
Тој истакна дека набљудувачите на „Цивил“ од Општина Бутел лично сведочеле на едно крајно неумесно однесување на еден набљудувач од невладина организација. Личните податоци, како и НВО се познати на Цивил.
– Станува збор за ситуација во која еден повозрасен гласач љубезно прашал каде се наоѓа одредено избирачко место. Одоговорот на набљудувачот од НВО бил „оди прашај си го Заев каде е тоа, гласај си на гробишта“, а потоа следеле непристојни зборови и пцовки, објасни Дерала.
Тој изјави дека, како што навеле набљудувачите на „Цивил“, Од балконот на зградата спроти основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Струга, три лица, чии податоци се познати на Цивил, ги фотографирале сите гласачи што одат на гласање на избирачките места во тоа училиште.
– Забележуваме сериозни проблеми во Избирачкиот список. Во основното училиште „Толи Зордумис“ во Куманово на избирачко место 955 еден брачен пар не бил на избирачкиот список. Ги препратиле на избирачкото место 995/1, каде што бил евидентиран само сопругот, но сопругата не го остварила гласачкото право, посочи Дерала.
Тој наведе дека, како што пренеле набљудувачите на „Цивил“, Во истото училиште на избирачкото место 955 при кинење на ливчето од кочанот, ливчето се скинало на местото каде што бил ставен печатот.
– Истото ливче му било дадено на гласачот, што значи дека комисијата на крај ќе знае кој гласал и како гласал бидејќи е означен со самолеплива лента, нагласи Дерала, посочувајќи дека, исто така двајца гласачи ги нема на избирачкиот список во избирачкото место 2843 во Општина Центар.
Тој изјави дека на фејсбук профилот „Бојкотирај референдум за Северна Македонија“ има известувањето на кое пишува „сликајте и снимајте ги изродите на македонскиот народ што ќе излезат да гласаат“. Постот е споделен околу 80 пати.
– Во основното училиште „Адем Јашари“ во Општина Чаир во избирачкото место 2879, едно лице направило „селфи“ фотографија, додека го ставало гласачкото личве во кутијата, нагласи Дерала.
Тој информираше дека во текот на вчерашниот ден „Цивил“ изнел повеќе извештаи за кршење на изборниот молк.
– Кршењето на изборниот молк во Македонија беше како да не постои регулатива за тоа. Во речиси сите општини во кои „Цивил“ има распоредено набљудувачи, има случаи и детални извештаи или снимки и фотографии каде се гледа дека изборниот молк е грубо прекршуван. Исто така и на социјалните мрежи е забележано кршење на изборниот молк, заклучи Дерала.
Гласањето на референдумот „Цивил“ го мониторира со 307 набљудувачи.