Нимиц: Немаме многу време, доаѓа моментот да се донесе одлука

by fokus

Многу години сме имале надеж но од една или друга причина немало можност, немаме време, има прозор на можности кој треба да се искористи, изјави мадијаторот Метју Нимиц по средбата со државниот врв во Македонија.

На прес конференција со министерот за надворешни работи, Никола Димитров, посредникот во преговорите рече дека временската рамка која двете земји ја имаат за изнаоѓање на решение не е многу долга.

-Зборуваме за недели или месеци, не подолго. Дојдено е време за одлука, прашањата се изнесени, нема да станат полесни во иднина. Мора да се соочиме со прашањата, имаме две влади со компетентни дипломатии и одлучни лидери и мислам дека треба брзо да се придвижиме нанапред обидувајќи се некои идеи повторно да ги презентираме на двете страни. Во следните неколку месеци ќе видиме дали се постигнува напредок – изјави Нимиц.

Како што рече тој, трагедија би било доколку отворениот прозор на можности не се искористи сега и доколку поминат уште 20 години во преговори.

-Времето не мирува, иднината е несигурна. Ако не направиме прогрес сега за да го затвориме прашањето, кој знае што ќе се случува следните години. Ќе биде трагедија за регионот ако уште дваест години поминат без решение на спорот. Во интерес на младите од регинот ова прашање мора да го ставиме зад нас. Оптимист сум затоа што мислам дека лидерството во двете земји работи напорно за решавање на спорот – додаде тој.

Тој рече дека не сака да шпекулира што ќе се случи ако разговорите не успеат. На прашањето дали се разговара за идентитетот, Нимиц рече дека во Атина немало разговори на таа тема.

-Не сум чул ништо од грчката страна што би значело порекнување на идентитетот на народот тука и верувам дека решението кое што е можно е конзистентно со зачувувањето дури и јакнењето на идентитетот. Јас сум многу оптимистичен, има разлики меѓу двете земји, разлики во ставовите, но во Атина не сум чул порекнување, негирање на идентитетот. Тукашната Влада е сосема квалификувана и компетентна да го зачува идентитеот на нејзиниот народ, мислам дека народот во државата не треба да се грижи – порача тој.

Што се однесува до прашањето на јазикот, како што рече Нимиц, некои од тие прашања се предмет на дискусија.

-Во Обединетите Нации се јавуваат прашања како дефиниција на јазикот, како ќе се користи јазикот во меѓународни рамки. Народот е загрижен дека ова е аспект, прашање кое го засега идентитетот. Верувам дека идентитетот на народите го дефинираат самите народи. Обединетите Нации работат со држави во однос на тоа како се употребува името на државата, во Обединетите Нации не се расправа за идентитетот – посочи тој.

Поврзани новости