Според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ неуставно е со нов член во Законот за плати на пратениците да му се укине платата на пратеник кој е осуден на казна затвор поголема од шест месеци.
-Пратеник има право на надомест утврден со Закон и со Устав. Или си пратеник и имаш право, или дајте прво да го промениме Уставот. Не можеме да се повикуваме на Закон за работни односи. Ако сметаме дека некој пратеник не смее да зема плата, има како да се реши. Постои процедура. Го кршите флагрантно Уставот и око не ви трепнува – рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илијоски повикувајќи се на член 64 од Уставот.
Од владејачкото мнозинство во Собранието, пак, велат дека платата не е врзана за мандатот и дека членот не е противуставен.
-Ние како пратениците не сме над граѓаните. Нашиот работен однос не е заснован со Законот, затоа кога пратеник не присуствува во работата на Собранието статусот му останува, но надоместокот му го одзeмаме – велат пратениците од мнозинството.
Членот од овој Закон се однесува на пребеганиот екс премиер, Никола Груевски, кој се уште зема пратеничка плата иако се наоѓа во бегство како осуден во предметот „Тенк“.