Грчкиот министер за инфраструктура и транспорт Кристос Спирцис вели дека таблите на патиштата во Грција со новото име на земјава ќе бидат поставени, но не прецизира кога тоа ќе биде направено. Онаму каде што, како што рече, ќе треба да се покаже насоката кон некој град ќе остане таблата со името на тој град.
-Се работи за едно лесно прашање. Постојат меѓународни и европски прописи за таблите. Ќе се постави табла со името Северна Македонија. Таму каде што ќе треба да се покаже насоката кон некој град ќе остане таблата за тој град, а за тоа ќе се договорам со министерот. Но, сакам и нешто да коментирам. Кога таблите го покажуваат името на градот не може да го ставиме името на државата затоа што ќе има некои неубави впечатоци, рече Спирцис одговарајќи на новинарско прашање по средбата со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
Според него, двете влади носат голема одговорност со потпишувањето на Договорот од Преспа и воопшто не гледаат на политичката цена што треба да ја платат, поради доброто што тој го носи и за земјата и за регионот. Но, вели, секако дека тој договор има противници и во Грција.
-Ќе биде жално ако по поставувањето на таблите одредени луѓе или кругови би се обиделе да ги уништат. Тоа го кажувам од сега за да знаете кој би имал намера и би можел да ги уништи, рече грчкиот министер Спирцис.
Запрашан дали во знак на добра волја Грција би можела да го промени името на аеродромот „Македонија“ во Солун тој истакна дека нема шанса тоа да се направи.
– Секако не. Нема шанса да се промени името на аеродромот во Солун, рече грчкиот министер за инфраструктура и транспорт, Кристос Спирцис.