Навалица од луѓе во Град Скопје кои сакаат субвенции за инвертер клими

by fokus

Шалтерите на Град Скопје од утринава се отворени за прием на барањата од граѓаните кои сакаат да ја искористат мерката за субвенционирање на инвертер клима уред, или други современи уреди за затоплување на домаќинствата.

Навалица од луѓе во една од бараките на Град Скопје. Стотици граѓани побрзаа да аплицираат за мерката со која се субвенционира половина од вкупната вредност на уредот, но не повеќе од 15.000 денари.

-Со оваа мерка повеќе од 1.300 домаќинства од годинава ќе добијат можност евтино да ги затоплуваат своите домови водејќи грижа за намалување на аерозагадувањето. Убеден сум дека оваа мерка заедно со другите мерки кои досега ги презедовме во рамките на нашите надлежности ќе значи уште еден чекор напред во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје– изјави претходно градоначалникот Петре Шилегов.

Субвенцијата има за цел да ги мотивира граѓаните кои ги загреваат своите домови со печки кои користат огревно дрво, нафта и други скапи и нееколошки енергенси да ги заменат со далеку поевтините и поеколошките инвертер клима уреди или други современи системи за затоплување.

Инвертер клима уредите трошат околу 30% помалку електрична енергија од обичните клима уреди, а повеќе од 50% ги намалуваат трошоците во однос на греењето со огревно дрво. За оваа намена во буџетот на Градот се предвидени 20 милиони денари.

Поврзани новости