Наставници реагираат откако нивна колешка беше шамарана на час пред учениците

by fokus 10:37
10:37

Наставничкиот пленум го осуди настанот во основното училиште „Алија Авдовиќ“ во село Батинци, каде дедо на една ученичка нападна нивна колешка за време на одржување на наставата. Според Синдикатот на наставничкиот пленум, настанот ја илустрира, како што велат, потполната деградација и урнатиот дигнитет на наставниците.

„Со згрозеност ја слушнавме веста за физичкиот напад од страна на роднина врз наставничка во Батинци. Овој настан е капка во веќе прелеана чаша! Иницијативниот одбор на СНП и голем дел членови од НП најостро го осудуваат настанот. Нападот на наставник за време на час, на работно место, пред очи на учениците не смее да се третира како улична тепачка, со прекршочна пријава за физички напад. Бараме соодветна правна и друга заштита, бидејќи на наставниците веќе им е загрозена дури и личната безбедност! Образ ова ни е!“, велат од таму.

- Advertisements -

Вчера од Министерството за внатрешни работи соопштија дека ден претходно околу 11.00 часот, додека наставничката А.Е. одржувала настава, дошол 58-годишниот А.Ј. и почнал да ја навредува со погрдни зборови. А.Ј. и физички ја нападнал наставничката така што и удрирал шлаканици по лицето. Од нападот А.Е. се здобила со видливи повреди-оток под десното око и модринка.

Станува збор за дедо на ученичка, кој се пресметал со наставничката откако кај него се пожалила неговата внука. Наставничката по историја извадила надвор дел од учениците, кои губеле час, затоа што пречеле во наставата. Дедото се појавил во училиштето и непречено влегол во училницита, затоа што во „Алија Авдовиќ“ нема физичко обезбедување.

 

Поврзани новости