Новинарот и колумнист, Ивор Мицковски, со подолг статус на својот фејсбук профил ја соопшти својата страна од приказната зошто раководството во телевизија Телма одлучило да му го прекине ангажманот во информативната редакција.
Мицкоски го демантира директорот на телевизијата, Атанас Кировски, кој претходно за медиумите изјави дека причина за прекин на работниот однос со Мицковски е тоа што не се ангажирал доволно, односно не ги исполнувал работните задачи.
„Изјавата на директорот што се појави денес во некои медиуми, директор кој немаше лице лично да ми ја пренесе својата одлука, туку себично го стави својот главен уредник во улога на пренесувач на пораката, не само што е лага и тотална невистина, тука дотаму е дрска што е накитена со измислени критики и епитети кои би требало мене да ме прикажат како неработник и неблагодарник. Јас не сум ни едно од тие две, а најмалку од се сум лажов“, пишува Мицковски.
Тој не ја отфрла можноста дека е отпуштен поради неговите чести коментари и критики кон владејачката гарнитура.
„Тука е скршено нешто многу поголемо од трудот, егзистенцијата и слободната мисла на еден поединец и новинар. Основниот проблем останува, дека мене во ходник, три часа пред крај на работно време, ми беше пренесено, дека директорот одлучил дека работниот однос завршува. Тоа е факт. Директорот не почувствувал потреба тоа лично да ми го соопшти, да ми го образложи, човечки да ми ги објасни своите мотиви. Пораката од главниот уредник ја примив смирено, без емотивни изливи, си го довршив работниот ден, и цели два дена не напишав ништо, затоа што вакви искуства ниту првпат ми се случуваат, ниту пак барам сензационализам или сакам да глумам жртва. Нападот врз мене, јас лично, го разбирам како напад кон пошироката јавност и колективитет. Обидот на еден лажов, да се оправда како во целата одлука немало никаква политичка мотивација или позадина, ќе го оставам на здравиот разум и проценка на јавноста“, напиша тој.
„Тенка е кожата на секоја власт, особено е тенка политичката и партиската толеранција на критиката кога е насочена кон сите“, додава Мицковски.
Тешко наоѓам зборови во моментов затоа што сум ставен во позиција да се правдам и покрај неправдата што ми се нанесува,…
Publiée par Ivor Mickovski sur Lundi 4 février 2019