Режисерот Дарко Митревски ја спореди Македонија со племенска заедница, откако во парламентот се постигна потребното 2/3 мнозинство за отпочнување на уставните измени. Според Митревски во племенските заедници одлучуваат поглавиците. Во Македонија, како што вели тој, тоа се оние кои го правдаат она што се случи во Собранието.
„Интересно: речиси секогаш низ историјата, на тие поглавици некоја итра делегација од цивилизација којашто им изгледа примамлива и недостижна ќе им понуди некои шарени стакленца во замена за нешто што изгледа навидум безвезно од аспект на племенските сфаќања. Поглавиците ќе кимнат со глава, соплемениците ќе вриштат од еуфорија, ќе се накитат сите со стакленца како покондирени тикви сретсело – и после тоа племето ќе исчезне и ќе го проголта заборав, а на негово место ќе никне она што трговците со шарени стакленца ќе посакаат да никне. И затоа: доколку некој што сте го сметале за умен човек од јавните сфери (интелектуалец, уметник, научник, спортист, политичар, итн.) фати да ви го правда сево ова што се случува во Македонија деновиве и месециве, ич дилеми да си немате дека тој некој е племенски мозок поткупен со шарени стакленца. И не губете време да му објаснувате и докажувате – тоа што тие го создаваат не е државна творба, туку племенска територија. Отаму државотворните принципи кај нив не важат. Нивната кула од песок не е создадена врз морални и цивилизациски вредности, туку врз најбанална на-ти-го-дај-ми-го проституција (засега ментална и духовна, но наскоро и физичка). И затоа таа нивна северна творба нема друга иднина освен да пропадне. Заедно си сите кои живеат во неа, и невини и виновни“, напиша Митревски на фејсбук.
https://www.facebook.com/darko.mitrevski111/posts/10157230062997079