Пратеникот од НСДП, Горан Мисовски, му порача на пребеганиот екс премиер, Никола Груевски, дека е очекуван да се врати во земјава и лично да си ја депонира оставката од пратеничката функција, која ја најави преку својот фејсбук профил.
Груевски напиша дека ќе поднесе оставка откако пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе гласаат за одземање на неговиот мандат. Со ова се обезбедува потребното двотретинско мнозинство, а претседателот на Собранието рече дека седницата за одземање на мандатот ќе се одржи кон средина на месецов.
Груевски се обиде да ги претрка пратениците, но Мисовски вели дека пратеник мора сам да ја депонира оставката, што значи дека Груевски во тој случај би морал да се врати во земјава.
„Читам Груевски ќе си поднел оставка. Членот 65 од Уставот на РСМ е многу јасен: Пратеникот може да поднесе оставка. Пратеникот оставката ја поднесува лично на седница на Собранието. НИКОЛА ТЕ ЧЕКАМЕ ВО РСМ!“, напиша Мисовски на својот фејсбук профил.