Министерот Адеми ја избегна јавноста по аферата со ДУТ, неговото столче остана празно

by fokus

Министерот за образование, Арбр Адеми, денеска не се појави на почетокот на свеченоста за дипломирањето на првата генерација на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.

Столчето резервирано за него остана празно, откако просветен инспектор обвини дека е еден од тројцата функционери кои незаконски напредувале во научни звања на Државниот универзитет во Тетово (ДУТ) додека биле на функција. Нивната професорка позиција требало да биде во мирување.

Во негова одбрана застана вицепремиерот и негов сопартиец од ДУИ, Бујар Османи, и ги нарече тврдењата шпекулации. Тој одби да ги коментира наводите од просветниот инспектор, Ѓорѓи Илиевски.

-Оставете ги институциите да си ја вршат својата работа – рече Османи.

Но токму институциите во овој случај потфрлија. Откако Илиевски ја објави аферата, Државниот просветен инспекторат се огради од неговите наводи. Илиевски потоа тврдеше дека директорот на ДПИ му се заканил дека ќе трпи последици, а дека од Адеми и заменик министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, бил замолен да го заташка случајот.

Поврзани новости