Долговите на Општината се ирелевантни, ќе ги исплатиме, рече градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, на прашањата зошто Општината набави „ауди“ од 67.000 евра за неговите потреби како градоначалник, во ситуација кога Струга е во долг од 4 милиони евра.
Во вечерашното гостување на ТВ24, додека се презентираа снимки од неговото возило тој коментираше: „Погледнете колку е убаво“, мислејќи на „аудито“. На прашање зошто не ги користел „шкодите“ што ги набави Општината, а кои чинеле дваесетина илјади евра, Мерко рече дека „шкодата“ не е возило за него.
-Струга е одалечена скоро 200 км, на едно доаѓање 400 км. Не е срамота градоначалник да седи по патишта? „Шкодата“ ќе оди со помала брзина. Јас увидов и се изгласа на Совет да земеме таква кола и тука нема проблем. За каков градоначалник ви се чинам јас? Да одам со фиќо? Во 2005 кога бев градоначалник користев „опел вектра“ од Општина Луково. Во 2006 дојде во посета на Струга тогашниот претседател на Србија, Тадиќ. Имаше делегации во возила како „ауди“ и „мерцедеси“, а јас со „опел вектра“. Не вреди градоначалник со скинати алишта и слаба кола. Не сум пишман за колата што ја купив, може требаше да земам уште поубаво возило – рече Мерко.