Германската канцеларка Ангела Меркел се изјаснила негативно по желбата на Европската комисија за брзо давање датум за преговори на Северна Македонија за приклучување во Унијата, пишува весникот „Зиддојче цајтунг“, пренесе „Дојче веле“.
Повикувајќи се на свои неименувани извори, германскиот весник „Зиддојче цајтунг“ денеска пишува дека на седница на Комисијата за европска политика на Бундестагот, германската канцеларка Ангела Меркел ставила јасно до знаење дека одлука за датумот за преговори на Северна Македонија за приклучување во Европската унија е можно да се донесе „најрано во октомври“.
„Со тоа, канцеларката застана јасно наспроти својот коалициски партнер – СПД, која се залага за гласање (за датумот, н.з.) во Европскиот совет веќе на 18 јуни. Државниот министер (во германското МНР, н.з.) Михаел Рот од СПД во Комисијата за европска политика во вторникот категорично се залагал за почеток на преговори за приклучување, но не наишол на ‘отворни уши’ кај ЦДУ и ЦСУ. Македонија постигна согласност со Грција за промена на името, меѓу другото и за да го отвори патот за преговори за приклучување во ЕУ“, пишува денеска влијателниот „Зиддојче цајтунг“.