Мемеди му се налути на Заев, ќе ја напушта и Владата и Собранието

by fokus

Претседателот на НДП, Весел Мемеди, кој е и потпретседател на Собранието најави дека ќе поднесе оставка на функцијата потпретседател, а оставки ќе поднесат и сите директори и членови на управни одбори предложени од партијата, поради тоа што реконструкцијата на Заев го опфати и министерот за локална самоуправа, кој е кадар на НДП.

Мемеди изреволтиран денеска изјави за медиумите дека не може да се пазарува со премиерот за Министерството за локална самуправа. Според него ова министерство му припаѓа на Албанците. Мемеди побара од Заев да го повлече предлогот за разрешување на нивниот министер, а ДУИ да не гласа за истиот предлог.

-Не може да има пазарења со министерството бидејќи ова министерство секогаш им припаѓаше на Албанците. Немам мандат да го дадам ова министерство на СДСМ. Немам морално право да го жртвувам министерот Сухејл Фазлиу, зад кој стои национална и верска елита – рече Мемеди.

Тој додаде дека позициите не се важни за НДП и рече дека освен Собранието, оваа партија ќе ја напушти и извршната власт.

-Ние не сакаме да бидеме дел од овој договор, позициите не се важни за нас, но симболиката на она што ние застапуваме и браниме. За да го покажеме ова ќе поднесеме неотповиклива оставка од сите дирекции и управни одбори, и повлекување од функцијата заменик-претседател на Собранието, како и предавање на мандатот на пратеникот во Собранието на Република Северна Македонија – рече Мемеди.

Со предложената владина реконструкција на Заев, за нов министер за локална самоуправа е предложен Горан Милевски – претседателот на ЛДП.

Поврзани новости