Креаторот на лажни вести од Куманово Слаѓан „Цаго“ Бојковски, кој се споменува како централна фигура во истражување на холандскиот сервис за откривање на лажни вести „Њузчекерс“, е вработен како професионален војник во АРМ, потврдија од Генералштабот на АРМ за САКАМДАКАЖАМ.МК.
„Лицето кое се споменува во написите во медиумите е вработено како професионален војник во АРМ од јануари 2002 година“, велат од АРМ.
Како што претходно јави дописничката на МИА од Брисел, белгискиот „ловец на лажни вести”, Мартен Схенк, успеал да разоткрие мрежа на македонски граѓани кои шират лажни вести, и не станува збор за тинејџери од Велес.
Мартен Схенк и вебсајтот Nieuwscheckers.nl со месеци веќе трагаат по македонските мрежи на лажни вести кои се прославија“ за време на претседателската кампања во САД.
Светските медиуми беа тогаш преплавени со стории за македонски тинејџери од Велес кои пишувале лажни вести фокусирани на напади врз кандидатката Хилари Клинтон и Демократската Партија. Но, никогаш не се откри кој, дали и на кој начин стои зад нив.
Но, според Схенк, велешката линија не е воопшто во центарот на оваа мрежа.
Според неговите истражувања, кои денеска се на првите страници на сите белгиски медиуми, централна фигура на овој бизнис е припадник на АРМ, Слаѓан „Цаго“ Бојковски од Куманово. Бојковски тврди дека не е повеќе вработен во армијата, но Схенк не успеал тоа да го потврди и сѐ уште вели дека има сомнеж.