Македонски скијачи кои вчера беа спасени од провалијата во која паднале на Пирин планина во Бугарија, денеска наидоа на критики кај бугарските спасувачки екипи. Од Планинската служба и од Црвениот крст го критикуваа нивното поведение затоа што скијале надвор од означената патека.
Директорот на Планинската служба за спасување при Бугарскиот црвен крст, Емил Нешев, во изјава за бугарското радио „Фокус“, вели дека однесувањето на македонските скијачи било многу неодговорно.
„Тие ја напуштиле пистата под врвот Тодорка, влегле во доловите на Дамјаница и испровоцирале две ноќни лавини. Спасувачите под голем ризик успеале да ги спасат”, изјави Христо Григоров, претседател на Црвениот крст на Бугарија.
По тричасовната акција, синоќа успешно се извлечени 5 македонски државјани кои залутале и паднале во бездна на Пирин кај Банско, Бугарија. Тие биле спасени околу 21 часот, а во акцијата учествувале десет спасувачи. Сите петмина скијачи се во добра состојба.