Советот на Општина Аеродром ја прифатил иницијативата на советниците од Левица споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето да биде поставен на територијата на Општината. Новата локација на споменикот ќе биде во паркот во Горно Лисиче. Од Левица соопштија дека ова било по барање и инсистирање на претседателот на советот. За ова да се случи сепак е потребна согласност од Собранието.
„Тој споменик без разлика која и чива власт го поставила е платен со народните пари и не заслужува да фаќа прашина во некое депо на Градот Скопје и да биде камен на сопнување и играње пинг понг помеѓу институциите за дневно политички поени. Согласно ирационалните стравови од страна на СДС, бидејќи споменикот беше пред судската палата сметавме дека поставувањето на споменикот на територијата на Општина Аеродром нема да ги разбуди повторно нивните ирационални стравови, но се излажавме. Најверојатно нивната совест за сите предавства за овие седум години власт длабоко ги копка и ќе продолжи да ги копка сѐ до нивната пасокизација и неминовно одговарање пред органите на прогон за велепредавствата и за криминал“, велат од Левица.
Против оваа иницијатива биле советниците на СДСМ, ВМРО-НП и НСДП. Од Левица велат дека Ќосето не е мрачен историски лик како што тврдат од СДСМ.
„Пропагандата на СДС и нивните лакеји од невладиниот сектор, кои како паразити закачени на народниот буџет, дека Андон Лазов Јанев – Ќосето е некаков си мрачен лик нема никаква врска со реалноста и со историските факти за што тука и се докажува со документи“, соопштија од Левица.