482
Комисијата за мандатно имунитетни прашања со мнозинство гласови го изгласа денеска предлогот да му биде одземен мандатот на Никола Груевски, поради недостојност на извршување на функцијата.
По ова Комисијата поднесува извештај до Собранието и му предлага на парламентот да го одземе мандатот, за што е потребно двотретинско мнозинство. Но пратеникот Сашо Василевски од независната пратеничка група составена од исклучените пратеници од ВМРО-ДПМНЕ најави дека парламентот нема да го има потребното мнозинство. За време на расправата во Комисијата тој се јави за збор и рече дека овие пратеници ќе гласаат против таквиот предлог.
-Добро е да се отвораат вакви расправи и јас ги оправдувам. Вчера во парламентот за прв пат во Република Македонија се отвори процес кој овозможува подавање на рака помеѓу левицата и десницата, меѓу сите политички чинители кои се за ЕУ и НАТО. Во контекст на тоа сметаме како група на независни пратеници дека расправата е избрзана. Нашиот став е против иако во оваа Комисија немаме право на глас – рече Василевски.
Претседателот на Комисијата Павле Богоевски на тоа возврати дека процесот не е избрзан затоа што Комисијата има рок од 15 дена по добиеното известување од судот да донесе одлука.