Од пред еден месец на новинарите од Телма им е забрането своите лични ставови да ги искажуваат на социјалните мрежи. Забраната стигнала откако главниот и одговорен уредник, Атанас Кировски, со известување им се заканил на новинарите дека ќе бидат санкционирани доколку ја прекршат забраната.
Известувањето е поставено во телевизијата неколку недели пред референдумот. Како што стои во известувањето, мислењето на новинарите вработени во Телма се третира како мислење на куќата и им се наредува да се воздржат од искажување на своите ставови.
„Вработените во ТВ Телма ја претставуваат во јавност телевизијата. Било каков политички став, коментар или мислење на одредени теми се интерпретира како став на телевизијата, а не како личен став на вработените во ТВ Телма. Од тие причини се забрануваат коментари, мислења и анализи на фејсбук профили, твитер и други социјални мрежи или медиуми, кои не се одобрени од уредничкиот колегиум на ТВ Телма. Во иднина било каков коментар ќе биде санкциониран“, стои во известувањето потпишано од главниот и одговорен уредник.
Информацијата за ригорозната забрана на Телма предизвика остри реакции кај социјалните мрежи и фелата. Дел од јавноста смета дека ова е воспоставување на диктатура во медиумот и прекршување на уставното право на новинарите да имаат свое мислење и истото да го искажуваат.
Упатените коментираат дека на новинар може да му се забрани соопштување на личен став само кога до своето име го додаваат името на телевизијата во која работат, но не и на свој прифатен фејсбук профил.
Постоеше обид и во „Дневник“ да им се забрани на новинарите да искажуваат лични ставови за политички теми на социјалните мрежи. Сепак, тогаш новинарите реагираа и го спречија тој обид на сопствениците на „Медија принт Македонија“. Синдикатот на новинари и медиумски работници реагираше и беше спречено носењето на Правилник кој имаше за цел да ги цензурира новинарите.
Медиумската фела апелира до новинарските здруженија и овој пат да реагираат, да не ги остават новинарите незаштитени и да го одбранат нивното уставно право.