Одбраната во случајот „Топлик“ на Специјалното јавно обвинителство, каде обвинет е поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бара од судот да го изземе вештачењето од списите. Причина, како што наведоа на денешното рочиште, е затоа што ќерката на вештакот, Борис Тунџев, била вработена во СЈО. Поради ова адвокатите сметаат дека вештачењето било пристрасно.
Тунџев е сега директор на државниот Катастар. Според адвокатите на Јанакиески и другите обвинети, Тунџев немал лиценца кога го изготвувал вештачењето за продажбата на државно земјиште за изградба на Сончев град.
Денешното рочиште се одложи, а судијата рече дека дополнително ќе се изјасни за ова барање на одбраната.
Од СЈО, пак, потврдија дека ќерката на вештакот Тунџев е вработена кај нив. Од таму додаваат дека тоа не влијаело на извештајот и дека тоа не ја доведува во знак прашање стручноста на наодот.
Во „Топлик“ се обвинети шест лица, а првообвинет е поранешниот министер. Според обвинението на фирма и е незаконски овозможено да купи државно земјиште за изградба на комплесот Сончев град.