Не можев да ја трпам незаконитоста во предметот, вели републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески, во врска со претресот во Финансова полиција, кој доведе до суспендирање на поранешната шефица на обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, за која е предложено разрешување од страна на дисциплинската комисија. Во вечерашното интервју за Телма, Јовески негираше дека политиката замешала прсти во случајот со Русковска.
-Апсолутно не, по тој предмет имаше само една анонимна кривична пријава која подолг период седела во фиоката на Русковска. Кога прв ден замина на одмор дејствијата за наредба на претрес ги препуштила на обвинителката Ивана Трајчева, без да има преземено никакво претходно дејство по анонимната пријава. Во наредбата стои кривично дело примање награда за незаконито влијание, но од анонимната пријава немаше елементи за вакво кривично дело – рече Јовески.
Според него, во Финансова полиција било влезено од страна на обвинителот, без да се знае кој предмет се бара.
-Се барале предмети за 4 до 5 години наназад, што значи дека обвинителството нема никакви сознанија за ова и за други дела. Со претресот не се знаело што се бара. Не можев да ја трпам незаконитоста во тој предмет. Во наредбата не се знае што се бара. Многу пропусти што ме принудија да постапам на тој начин. Долго време размислував дали да покренам постапка – рече Јовески.
Според него, на судот кој ја дал наредбата за претрес, му биле дадени погрешни информации од страна на обвинителот.
Русковска неодамна на интервју рече дека според истражителите кои биле на претресот, првиот човек на кој директорот на Финансова, Арафат Муареми, му се јавил кога дознал за претресот, бил републичкиот јавен обвинител.
-Заради работата со него одржував комуникација. Не ми се јави директно, се јави во обвинителството, од обвинителството ми пренесоа дека поднел телефонска поплака. Без разлика дали се јавил или не, во ниту еден момент не презедов никакво дејство додека траеше претресот, ниту да го насочам, ниту да го спречам – рече Јовески.
Поплаката, додаде, се однесувала на недолично однесување на некои истражители.
Русковска исто така рече дека откако беше суспендирана, сведоци во предметот се плашат да дадат исказ. Јовески на ова рече дека таа не се пожалила за тоа во обвинителството.
Наспроти изјавата на Русковска дека хајката против неа почнала кога го отворила предметот против Рашковски, Јовески рече.
-Истрагата за Rашковски ја води обвинителката Ивана Трајчева, она е реизбрана за обвинител во обвинителството за организиран криминал и корупција после отворањето на двете постапки против Рашковки. Ако имало притисоци и калкулации во тој предмет Ивана Трајчева не би била повторно избрана. Обвинителството работи неселективно – рече тој.