Јанушев: Нов скандал на власта, Џафери одби да номинира набљудувачи

by fokus

За ВМРО-ДПМНЕ е нов голем скандал тоа што Собранието не номинираше набљудувачи кои ќе го следат референдумскиот процес. Како што изјави денеска генералниот секретар на партијата, Игор Јанушев, вината е кај претседателот на Собранието, Талат Џафери.

-Власта со ваквите чекори фрла огромна црна сенка врз декларативните заложби за фер и демократско изјаснување на граѓаните на претстојниот референдум. Имено, ДИК согласно закон, испрати барање до Собранието на Република Македонија, истото да номинира набљудувачи кои ќе го следат референдумот, за што Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ официјално побара од Џафери да номинира набљудувачи. Не треба да се потсетува дека станува збор за едно од најважните прашања за Македонскиот народ. Станува збор за гласање на кое фалсификувањето на избирачката волја на Македонскиот народ, ќе значи дефинитивно бришење на идентитетот и вовед во фалсификување на Македонската историја, традиција и култура – рече Јанушев.

Џафери, додаде тој, и покрај намерата на ВМРО-ДПМНЕ, испрати известување до ДИК дека Собранието нема да номинира набљудувачи.

-Собранието – кое е овластен предлагач и орган кој го отпочна самиот процес на референдумот, вчера со одлука на Талат Џафери се стави надвор од  можноста да врши контрола на законитоста на целиот процес и остави простор за секакви сомнежи во исходот. Ако Џафери и мнозинството не ги интересира ова прашање, тогаш што е нивниот приоритет? Набљудувачите се гаранција за законитоста на референдумот. Со овој чекор на Џафери се отвора огромен сомнеж за намерите на власта да организира законско и демократско референдумско изјаснување – рече тој.

Како што истакна Јанушев, власта мора да одговори кому му пречи законски референдум без никакви дамки. Тој прашува:

Зошто не им се дозволува на парламентарните партии преку Собранието да номинираат набљудувачи?

Кој се плаши од поголем број набљудувачи и зошто?

-ВМРО-ДПМНЕ бара од ДИК во најкус можен рок – уште на денешната седница да изврши измена во Правилникот за начинот и постапката за решавање на приговори за референдумот. Бараме со измените да се овозможи набљудувачи да присуствуваат при целокупниот процес на референдумското изјаснување, вклучително и сумирањето и утврдувањето на  резултатите. Очекуваме со измените да се даде можност и за пишување на соодветни приговори без ограничувања кои ги има во моментов согласно со член 4 став 3 од истиот Правилникот. ВМРО-ДПМНЕ инсистира овој предлог да биде усвоен уште на денешната седница на ДИК, со цел остварување на демократски и слободен процес на изјаснување на референдумот – додаде тој.

Во недела, посочи тој, не очекува историски ден. Ден на кој што Македонскиот народ ќе одлучува дали ќе се откаже од сопствениот идентитет, од сето наследство за кое што генерации пред нас ги положувале своите животи.

-Никој не му дал право на Заев да се коцка со се што е Македонско и да го става како влог Македонскиот народ. Ние веруваме во мудроста и достоинството на Македонскиот народ и апелираме граѓаните да не потпаѓаат под манипулациите на власта, туку да постапат онака како што мислат дека е најчесно кон нив, кон нивните предци и нивните потомци. Веруваме дека граѓаните, за разлика од Заев не се подготвени да си го продадат достоинството за награда од неколку илјади денари или закана од губење на работното место – рече Заев.

Поврзани новости