Истрагата за „Рекет“ ќе се прошири, на Боки Тредичи и Зоки Кичеец ќе им се придружат нови осомничени

by fokus

Истрагата за предметот „Рекет“ мрдна од мртва точка откако обвинителите се вратија од одмор. Деновиве е раздвижено во Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое го води обвинителката, Вилма Русковска. До сега исказ дадоа обвинителките Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, а денеска сведочи и обвинителот, Бурим Рустеми.

Рустеми го води предметот „Поштенска банка“, за кој исто така постојат сомневања дека е користен за да се изнуди рекет од осомничени во предметот. Со неговиот исказ и со исказот на Стефанова, Обвинителството на Русковска ги комплетира доказите кои ги има против инволвирани во аферата. Меѓу нив се споменува и името на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева.

- Advertisements -

Дали Јанева ќе добие статус на осомничена, се уште не се знае, но од Обвинителството потврдуваат дека истрагата ќе биде проширена на нови лица.

-Веројатно ќе се прошири, но спрема колку лица во овој момент не може да се каже, неопходно е да се направи сумблимат на изведените докази и оние што следните денови ќе бидат изведени – велат од Обвинителство за „Фокус“.

Во меѓу време зоврива ситуацијата во Специјалното јавно обвинителство. Обвинителите веќе покажуваат отворена нетрпеливост кон Јанева и незадоволство од нивната шефица, која го урнисува кредибилитетот на институцијата. Последниот инцидент каде обвинителката Фатиме Фетаи плукнала кон камерата во СЈО и употребила пцовка, од револт што е претресувана на нејзиното работно место, укажува дека на Јанева повеќе никој не и го чува грбот. Нејзините постапки, пак, покажуваат дека и таа повеќе нема доверба во обвинителите.

Друго прашање што се поставува деновиве е каде ќе не однесе истрагата за случајот „Рекет“. Се појавија информации дека криминалните активности на осомничените ја преминале границата со Србија и дека во мрежата како посредник учествувал и српски државјанин. Наводно во Србија бил исплатен рекет од 400.000 евра, кои ги дал осомничен во предметот „Базни станици“ на СЈО.

Сепак, засега од македонското обвинителство не е побарана меѓународна помош.

-Од досега обезбедените докази нема сознанија за вмешаност во конкретниот случај на странски државјанин – велат од Обвинителство.

Се очекува истрагата да добие појасна слика следната недела кога Јанева треба да одговори на поканата за распит.

М.В.

Поврзани новости