Премиерот, Зоран Заев, рече дека даночната политика ќе се менува, но дека на тоа ќе му претходи јавна дебата. Доколку побогатите плаќаат повисока даночна стапка, рече тој, државата ќе има средства да ја подигне социјалната помош, да инвестира во здравството и во земјоделието.
-Сакаме правично и фер општество. Не може оној што зема 10.000 денари и оној што зема 10.000 евра ист данок да плаќаат. Дај боже сите да земаме 10.000 еевра па да плаќаме повисоки даноци. Дефинитивно сме левичари и веруваме во праведно оданочување – рече Заев.
Сепак, рече Заев, даночната реформа ќе биде така воведена да не предизвика иселување на млади информатичари и високо квалификувани кадри.
-Затоа прво ќе организираме дебата. Како што гледате отворени сме, имаме различни ставови во самата влада и тоа е демократија. Не е Заев кажал па ајде останатите да го следат – додаде тој.
Премиерот рече дека се разгледува опцијата да се воведе ограничување на кеш плаќањето како би се анулирала сивата економија, а паралелно со тоа и воведување на данок на добивка од 3 отсто за компаниите од информатичките технологии.