Им претстои ли уништување на „бомбите“?

by fokus

Се уште не е одлучено што ќе се случува со т.н. бомби, односно со прислушуваните разговори, откако ќе биде постигната согласност за новиот Закон за СЈО за кој преговараат власта и опозицијата. Не е исклучена можноста „бомбите“ да бидат уништени откако ќе заврши работата на СЈО по обвиненијата кои се веќе покренати.

Министерката за правда, Рената Дескоска, вели дека е можен компромис со ВМРО-ДПМНЕ кога се работи за „бомбите“. Таа посочува дека е искористено се што произлегува од нив.

-Кога го спремавме текстот за новиот Закон за СЈО кој е пуштен во Собрание, информациите беа дека се што можело да биде извлечено од материјалите е извлечено и тие материјали се веќе обработени од СЈО – вели Декоска на прашање „дали бомбите ќе бидат закопани“.

-Врз основа на прислушуваните разговори, кои се индиции за собирање докази, во сегашниот текст направивме граница на користење на материјалите, каде што нема да се користат. Ако се собрани докази врз основа на прислушуваните разговори за многу случаи, ирелевантно е дали ќе ги користите или не. Така да тоа е ставено на маса, ќе видиме каков предлог ќе стаса од ВМРО-ДПМНЕ. Мислам дека тука не е страшно да се направи компромис, имајќи предвид дека информациите кои дојдоа до нас во текот на работната група се дека тоа нема да влијае значително, буквално на случаите – рече Декоска во интервју за емисијата „Фактор“ на ТВ24.

Поврзани новости