Груевски: Заев кажал дека му се гади од судиите, но јас нема да го кажам тоа

by fokus

Пред некој ден прочитав како на брифингот со новинарите Заев кажал дека му се гади од судиите. Јас нема да го кажам тоа, но ќе кажам дека она што денеска можевте да го чуете беше нешто што не се случува секој ден во судовите, туку е специјално само за нас, изјави екс премиерот, Никола Груевски, пред Кривичниот суд по денешното рочиште за предметот на СЈО во врска со уривањето на комплексот „Комос“.

Груевски вели дека според начинот како се водат судењата се чини како однапред да е донесена одлуката.

-Нека не не малтретираат и нека ја прочитаат одлуката. Секој ден од следната недела за три различни предмети од понеделник до петок закажани ми се рочишта. На Заев му закажуваат на два месеци, а понекогаш ако нема како да се одложи судењето, самиот обвинител бара начин како да го направи тоа – рече Груевски.

Говорејќи за случајот „Т.Н.Т“, рече дека на минатото рочиште судиите од советот донеле задолжување за СЈО да им ги врачи доказите кои не се посебни истражни мерки (ПИМ).

– Доказите се даваат на обвинетите и одбраната да може да ги анализираат, да се подготват за воведен збор и подоцна за судењето. Судијата пет пати повтори дека доказите ќе ни бидат врачени на 2 февруари. Не само што не ни ги врачи доказите, туку денеска судиите си ја поништија својата одлука, односно задолжувањето што му го дадоа на СЈО, без никој да им го бара тоа. Ниту СЈО го побара, барем јавно не, можеби зад кулисите го побарале, ниту пак ние го побаравме. Си донесеа одлука сами да си ја поништат својата одлука од пред 14 дена – рече Груевски.

Додаде дека поради тоа била неговата реакција, дека ова судење, како и останатите стануваат фарса.

На прашање зошто им е важно да ги слушнат снимките, Груевски рече дека снимките се незаконски прибавени и се невалидни докази и токму затоа во фазата на истрагата одбивале да ги слушаат..

– Сите знаете, јавноста тоа го знаат како и судиите, но се под политички притисок. Снимките се прибавени незаконски и во ниедна држава во светот тие не се употребуваат како доказ или од нив не се извлекуваат докази. Ниту во една земја во светот, само тука и исклучиво само заради политички притисок и политичка хајка што се прави – рече Груевски.

Во контекст на тоа додаде дека во членот 12 од Законот за кривична постапка јасно стои дека секоја незаконски прибавена снимка, независно дали е видео или аудио, не може да биде доказ во судска постапка. Сега, како што рече од политички притисок, немајќи други докази Апелацискиот суд донесе одлука снимките да станат докази.

 

 

Поврзани новости