Министерот за култура, Асаф Адеми, изрази жалење што пратеникот Влатко Ѓорчев го ословувал како министер Албанец, а не само министер за култура, во прашањето дали ќе се чепка Музејот на ВМРО, македонската борба и жртвите од комунизмот. Како што рече министерот, музејот само ќе се преименува.
-Жалам што поставувате прашања до министер за култура Албанец, а не само до министер. Не се кријам зад одлуките, постои работна група за оправданост од постоењето на овој музеј. Музејот нема да се затвори, туку ќе се преименува. Таму се консатирани низа неправилности кои ги утврдија експерти. Ова решение нема да го донесе министер Албанец, туку министер за култура на Република Македонија – рече Адеми.
На тоа за збор се јави Ѓорчев, кој рече не е задоволен од одговорот.
-Ако го укинете, преуначите, отстраните фигури на наши македонски дејци, ние Македонците ќе сметаме дека зад тоа стои Асаф Адеми министерот за култура. Тоа што сте етнички Албанец ви дава дополнителна одговорностда ја ублажите таа комисија која тргнала да го прави тоа што сака да го прави. Како би се чувствувале министер за култура ако некој од Берово, Пехчево почне да буричка по вашите музеи кои ви се свети и важни. Апелирам до вас. Музејот на ВМРО и жртвите на комунистичкиот режим е света, важна, битна, емотивна работа за десетици илјади семејства. Не правете она што вам неќете да ви прават – рече Ѓорчев.
Тој испрати порака до Александат Литовски и до другите членови на Комисијата дека нивната работа ќе биде ставена под ревизија.
-Она што ќе го направи комисијата можеби еден ден ќе биде дел од поставката, рамо до рамо со Колишевски и куп други. И да го чепнат, тој музеј ќе се врати како што бил. Тоа се наши семејни истории. Почитувајте ја нашата историја. Тоа е концепт на национално единство – додаде Ѓорчев.