Туристичката агенција „Балкан турист“ сподели со јавноста фотографии од состојбата во која се наоѓале хотелските соби во Италија каде биле сместени средношколци од Неготино. Поради лошото поведение на гимназијалците тур оператор за Италија и Европа прекина соработка со „Балкан турист“.
Тони Ристовски, сопственикот на агенцијата ,,Балкан турист’’ ни го достави писмото од Снежана Стојановиќ,од A&A Group DMC.
-Здраво Тони Ти праќам фотографија од купатилото на собата 55 каде некој извршил нужда на подот. Од хотелот ме повикаа утринава и имавме еден долг разговор на тема образование односно необразование и невоспитување на личноста која го сторила тоа. Жената која ги чисти собите не сакала тоа да го избрише, бидејќи никој не е должен да избрише такво нешто освен личноста која го направила. Навистина сите се запрепастени од таквото некултурно и срамно однесување под секое ниво на елементарната култура. Не ми е јасно како вашите професори немаат никаков авторитет во однос на воспитувањето и однесувањето на нивните ученици. Сите хотели се жалеа на нивниот однос и однесување, односно дивеење по хотелите до раните утрински часови. Навистина не ми е јасно што правеа професорите? ПС Хотелите не сакаат повеќе да работат со македонски групи затоа што покажаа невоспитување. Мене ми е жал, но во иднина јас твоите групи од Македонија нема да ги примам. Не сакам да ја доведам во прашање мојата долгогодишна соработка со хотелите поради вашите групи кои се однесуваат во хотелите под секоја елементарна основна култура. Тоа што го сториле е навистина срамно – наведено е во писмото потпишано од Стојановиќ.