Фирма која ја надгледувала владината фасада што се распаѓа, сега ќе ја надгледува изградбата на автопатите

by Fokus

И за газдата на „Евро консалтинг“, Бранислав Димитријевиќ и за поранешниот управител на оваа фирма, Марјан Иванов, се водат две кривични постапки, во две држави. За Димитријевиќ во Ерменија, за Иванов во Македонија, открива Призма.мк.

„Евро консалтинг“ е фирма дел од конзорциумот што треба да прави надзор над изградбата на коридор 8 и коридор 10. Поранешниот управител на истата фирма, Марјан Иванов во Македонија веќе една година има обврска да се пријавува во Кривичниот суд еднаш неделно, како осомничен во истрага за барокната фасада на Владата. „Евро консалтинг“ вршела надзор врз реконструкцијата на владината фасада, која сега се распаѓа.

Истрагата за владината фасада беше отворена лани во април. Обвинителството тогаш осомничи четворица. Управителот на фирмата Бауер БГ, ексдиректорот на Службата за општи и заеднички работи во Владата, управителот на фирмата за стручен надзор „Евро консалтинг“ и главниот надзорен инженер.

Сопственикот на Бауер БГ е осомничен дека ја изиграл тендерската постапка и доставил доказ дека фирмата ги исполнува условите. Останатите тројца, пак, се осомничени дека ја злоупотребиле службената положба и овластување.

Иванов како управител на „Евро консалтинг“ и главниот надзорен инженер се осомничени дека иако биле задолжени да прават стручен надзор над тоа дали се користат соодветни материјали при лепењето на „фасадата“, потврдувале дека сѐ е во ред, иако при изработката биле користени други материјали.

„Ги прифаќале и одобрувале времените ситуации од изведувачот на работите во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96% минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна“, соопштија тогаш од Обвинителството.

Оттаму за БИРН потврдија дека побарале, а судот одобрил на тогашниот управител на „Евро консалтинг“ Марјан Иванов и на четвртоосомничената, да им бидат одземени пасошите, и да се јавуваат еднаш неделно во судот.
Тоа се случило лани на 8 април. 13 дена подоцна, Марјан Иванов, излегол од сопствеништво на „Евро консалтинг“.

Фирмата работела на вкупно 11 објекти од проектот „Скопје 2014“, за што самите се пофалија на нивната веб-страница. Меѓу нив, работеле на фасадата на зградата на МЕПСО, на зградата на МНР, фасадата на Министерството за транспорт и врски.

„Евро консалтинг“, заедно со домашната „Електра Солушн“ и шпанската „Ептиса“ се дел од конзорциумот на италијанската ИРД кој го доби тендерот за надзор на автопатиштата што ќе ги гради „Бехтел и Енка“. Договорот за надзор е во вредност од 22 милиони евра.

Поврзани новости