Премиерот, Зоран Заев, неделава планира да почне разговори за зголемување на парламентарното мнозинство.
– Планирам да разговарам со партиите кои имаат пратеници во Собранието, а досега не се дел од парламентарното мнозинство. Како ќе течат преговорите веднаш преку медиумите ќе и соопштувам на јавноста – изјави Заев по денешното судење за предметот „Поткуп“.
Во пресрет на посетата на грчкиот шеф на дилпоматијата, Никос Коѕијас, на Македонија овој четврток, Заев рече дека средбата ја гледа како можност за приближување кон решение за името.
-Верувам дека може да се направи исчекор, можеби не до крај да се реши, но секако да се приближиме зашто деновите и месеците се трошат, а ние сакаме до летото да го имаме решено овој проблем. Верувам дека тоа сака да го направи и грчката страна – потенцира Заев.
Како што изјави Заев, луѓето што преговараат се поединци, а на крајот, рече, институциите на Македонија и на Грција се тие коишто одлучуваат.
-Верувам дека е можно да се најде решение и оптимист сум ако притоа водиме сметка за достоинството и за идентитетот. Мене ми е важно како тоа ќе го прими грчката јавност и дали ќе биде прифатливо низ нивните институции. Верувам дека и на грчките политичари и на премиерот Ципрас треба да им биде важно како тоа ќе биде прифатено овде од граѓаните на Македонија, но и како ќе помине низ институциите на системот – изјави тој.