Премиерот Зоран Заев денеска ги повика граѓанските организации да учествуваат и да конкурираат за места во регулаторните дела.
0Заедно да ја обезбедиме иднината на државата во овие историски моменти – рече тој на денешниот отворен форум на тема „Една година влада – осврт на граѓанските организации кон досегашните постигнувања и идни очекувања“.
-Власта никако не би смеела да се подразбира како моќ, туку како дадена доверба од граѓаните и должност кон граѓаните. Потребно ми е и мене како премиер и на Владата, да продолжиме со активната, двонасочна отвореност и соработка и да дадете поддршка како граѓанско општество за економски развој и просперитет на Република Македонија. Вашата проактивност во нудење на решенија е клучна. Можни се, достижни се и датум за ЕУ и покана за НАТО – рече премиерот.
Тој најави нов закон за спречување на корупцијата со кој политичар нема да може да биде член на Антикорупциската комисија, туку само непартиски лица, експерти и од граѓанските организации.
-Мотивирајте ги да се конкурира на регулаторните места. Тие места се за граѓанскиот активизам. И тука ќе има сериозна алатка како да се избориме против корпупцијата. Кај мене во СДСМ да не си прават бајрам на мозокот, таму нема место. Не може СДСМ да го контролира СДСМ. Дури сум се јавувал по некои граѓански организации. Следуваат конкурси. Внимавајте. Моделирајте луѓе за тие места, нека се кандидираат, бидејќи само тоа е исправно – рече Заев.
Граѓанскиот сектор во дебатата добија уверување од премиерот Заев и од министерот Манчевски дека оваа Влада е подготвена финансиски да ги поддржи граѓанските организации со средства од Буџетот. Најави и дека претставници на граѓанскиот сектор ќе учествуваат во подготовката и имплементацијата на Планот 18, како што беа земени предвид нивните сугестии во Планот 3-6-9.