Професорот, поет и книжевен критичар, Веле Смилевски, јавно побара од Друштвото на писатели на Македонија да биде изземен од кандидатите за овогодишната награда „Книжевно жезло“. Тој го повика претседателството на ДПМ да го изземе од листата кандидати, доколку, како што вика, се точни информациите дека е предложен за оваа награда.
„Почитувани, неофицијално сум информиран дека во процесот на одлучување за наградата Книжевно жезло, што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, моето име било ставено на список на можни кандидати за ова признание.
Доколку оваа, повторно нагласувам: неофицијална информација е точна, ја користам можноста да Ви го соопштам следното:
1)Имам целосно разбирање за легитимноста на предлагањето за ова високо признание на македонската писателска асоцијација.
2)Ја користам можноста најтопло да се заблагодарам за предлогот.
3)Замолувам моето име да биде изземено од списокот на кандидати за наградата Книжевно жезло.
Образложение: Факт е дека до пред извесно време јас бев еден од претседателите на ДПМ, така што мојата сегашна кандидатура се коси со одредени мои длабоко лични етички принципи. Покрај тоа, како добитник на Државната награда „11 Октомври“ за животно дело, сметам дека треба да се остави простор книжевните награди да се доделуваат и на други автори чии дела го заслужуваат тоа. Во нашава литература има голем број такви автори. Во спротивно, се потхранува една дегутантна ситуација на, во преносна смисла употребениот оригинален наслов на познатиот филм „Скупљачи перја“. Искрено, не би сакал да бидам во редот на таквите среќници.
Одлуката за ова мое барање е конечна и неотповиклива и таа, како личен став, воопшто не навлегува во правото за определба и предлог и во легитимната работа на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија.
Почитувани колешки и колеги, Ви благодарам за разбирањето во врска со моево барање и Ви посакувам натамошна успешна работа“, и порача Смилевски на претседателката на ДПМ, Соња Стојменска Елзесер, и на претседателството на Друштвото.
„Книжевно жезло“ е награда што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за поетски опус со високи естетски вредности.